Monday, October 28, 2013

PISMO DO MINISTEROT - MTSP NA VOSPITUVACITEOD GRADINKITE NA RM

Почитуван Г-дине министре,

Воспитувачите од  Детските градинки ширум нашата земја, заедно со негователките и стручните соработници, волонтерите и вработените со Договор на дело, се обединија во еден глас, кој во ова писмо го испраќаме до Вас, за да го изразиме нашето незадоволство кое настана заради воведување новини кои нема да не’ одведат напред, а не променувајќи други  кои одамна ќе не придвижеа кон поголема продуктивност и задоволство. Слушнете го нашиот глас и почувствувајте го очајот во него заради сето она што ни се случува и не’ измачува ! 
Нашето најголемо незадоволство, потекнува од воведувањето на лиценцирањето и добивањето на дозволи за работа. Всушност, немаме ништо против Законот за лиценцирање, но не го одобруваме начинот на кој имате намера тоа да го спроведете.  Сметаме дека полагањето за нас е деградирачко и непотребно, од причина што сите имаме соодветно образование за работното место. Некои од нас, имаат и повеќе образование од потребното, уверете се и сам  - купови воспитувачи со години работат како негователки ( и би било во ред да ги поставите на соодветните работни места  кога ќе има потреба за вработување на воспитувачи). Или, најблиску, повелете  во  Детскиот културен центар Карпош во Скопје и запознајте се со  господинот Томислав Таневски (d-r sci. Tomislav Tanevski) Доктор по музички науки и дипломиран професор по предучилишно воспитание, кој има 30 год. работно искуство и во моментов е  раководител на истиот.  Еден доктор на науки кој завршил и Педагошки факултет заради работата со деца,  сеуште ли треба да се докажува? Сите ние континуирано се усовршуваме, едуцираме, се стекнуваме со нови  способности и вештини, а ги следиме и новите трендови на воспитно-образовните процеси кај нас и во светот, преку голем број на семинари и  обуки,  за кои поседуваме и сертификати (за жал и покрај тоа, досега никој од нас не напредувал во професијата и  не добил соодветен надоместок во платата, па се прашуваме зошто???). Прирачник  од стотина страници содржина за која веќе имаме дипломи, нема да не’ направи подобри работници  Г-дин  министре!  Ако нешто не’ прави  добри работници и професионалци  (покрај образованието), тоа е нашето долгогодишно работно искуство, генерации од  деца изведени на прав пат и задоволни родители. .  Ете затоа нема потреба повторно да се докажуваме! Ние сите, до сега веќе сме се докажале како вредни, совесни и професионални работници и  имаме заслужено и повеќе од една лиценца за работа. Па наместо да го рушите нашето достоинство и дигнитет, ставајќи не’ повторно на испит,  бараме лиценцата за работа да ни ја дадете без полагање, на  веќе вработени воспитувачи, негователки и стручни работници, на вработените со Договор на дело и волонтерите, со што многу ќе ни олесните на сите.  Наместо да вложуваме труд за нешто што веќе го знаеме, истиот да го вложиме во нешто конструктивно, што ќе ни биде од корист.
Нас не’  вработи МТСП, што значи дека МТСП (секоја градинка) веќе ја има потребната документација  и податоци  за издавање на нашите лиценци.  Ако веќе сме вработени, значи секој од нас веќе има приложено диплома за завршено образование, секако дека сите сме државјани на Република Македонија и никој не е осудуван – тоа се главни услови за вработување. А  што се однесува до лекарското
уверение, секоја година одиме на систематски прегледи и имаме потврди дека сме способни за работа...  
Затоа, сметаме нема потреба повторно да ги доставуваме, а со  тоа  ќе не’ поштедите од непотребни трошоци, кои колку и да Ви изгледаат мали, за нас се огромни, зошто платите ни се едни од најниските за јавни службеници во земјава.
Кога сме кај платите, добро би било конечно да го добиеме ветеното покачување, кое скоро  4 год.  го  избегнувате!  За промена, почнете да го вреднувате нашиот труд и одговорноста што ја имаме за децата, како што заслужуваме. Сите во државава добија покачувања, некои и повеќе пати, а ние останавме на дното.  На сите оние кои се дошколуваа или од пониско преминаа на повисоко работно место (од негователки во воспитувачи) , како и на  одговорните по градинките кои веќе одамна не го добиваат додатокот на платата за зголемените обврски,  дајте им ја  соодветната плата.  Логопедите немаат ни  полно работно време (некои работат по 2 часа, некои по 4... ), па  не земаат ни цела плата и живеат со „плати“  што повеќе личат на социјална помош....  Впрочем, така личат и платите  на сите нас останатите вработени во градинките.
Деновиве имаме и други грижи - тоа е бројот на деца во групите. Во многу градинки се соочуваме со преголем број на деца. Имаме по 10 до 15 деца повеќе од предвиденото со стандардите за број на деца во групи, според возраста... Не работиме со една група, туку скоро со две, или две цели групи.  Заради толкав број на деца, негователките веќе не знаат каде да најдат место за креветчињата во кои спијат децата, во занималните нема простор, а ни воздух. Во целата таа гужва, добро е што се тука волонтерите да помагаат и  работат рамо до рамо со сите нас, помагаат  веќе со години, но никако да се реши нивниот статус на вработување. Исто и на  вработените со Договор на дело ( кога ќе остваруваат работен стаж сите тие работници, па да заминат во пензија со достоинство?) А потребни ни се сите! Сите.
 Уште еден голем проблем кој го зголемува нашето незадоволство, е  педагошката евиденција. На ниеден воспитувач не му  е јасно,  зошто пред да се објави во Службен весник  не не’ прашавте и не се консултиравте со нас, кои директно сме засегнати од неа, за тоа  дали имаме некакви забелешки во врска со неа, дали е функционална, дали сметаме дека е олеснета или усложнета. Барем да го слушневте мислењето на воспитувачите  што го имаат за неа... Само воспитувачите, кои со години ја водат,  знаат каква треба да биде педагошката евиденција. А сите воспитувачи, сметаат дека е преобемна и нефукционална, едни исти податоци се внесуваат по неколку пати во еден ден, а тоа е само губење време. И можеби  немаше да биде толку обемна, ако во групите престојуваа деца според пропишаните стандарди.  Ако една насочена активност и вниманието на детето е од 10 до 40 минути (во зависност од нивната возраст), а нас ни е потребно 10 минути само да ги прозиваме за присутност, како да бидеме ефективни и да си ја работиме работата? За секое дете пополнуваме и досие. Дали е исто да се пополнат  досиеја за 18 деца (пр. колку што е пропишаниот максимум со стандардите за број на деца во воспитна група од 3 до 4 год.)   и  30 деца или повеќе? Не е, нели? 
А дали знаете дека сеуште немаме дневници за работа со воспитна група и пишуваме на копии од Службен весник? А сето тоа ќе треба да се препише во
официјалните дневници кога ќе ги добиеме. А кога ќе ги добиеме? Веќе доста се насобра за препишување! Бараме од Вас оваа воспитна година да имате во предвид  дека доцните со сето она што за нас значи олеснување при водење на педагошка евиденција, па кога инспекциите ќе ни чукнат на врата, да имаат обзир! Веќе наизуст ги знаеме колкави се казните и глобите за неуредна евиденција, но од друга страна никој не спомнал која е наградата за уредна педагошка евиденција. И има  ли воопшто некакви награди и напредување  за нас вработените во детските градинки?  Нема.  А обврски и одговорност, се повеќе и  повеќе...   Станавме и правници и економисти за потребите на  градинките, при спроведувањето на јавните набавки и тендерите. Тоа  е нашата работа или наша е  работата со деца?
Ете  со какви грижи и проблеми се соочуваме ние вработените во градинките.        И не се само овие!  Ве покануваме да дојдете во било која градинка и да се запознаете со нас воспитувачите, негователките, стручните соработници, вработените со Договор на дело, волонтерите и  да поразговарате со нас. Запознајте се  со воспитно-образовниот процес одблиску и видете што е практично и функционално, а што не е во нашата работа...   Видете во какви услови  секој од нас работи...
Ние и Вие Г-дин министре, имаме да разговараме уште на многу теми. И ќе разговараме, кај Вас во кабинетот или кај нас во градинките. А во меѓувреме, почнете и вреднувајте го правилно нашиот труд, ослободете не’ од полагање за лиценци, растеретете ги групите од прекумерен број на деца, скратете ја педагошката евиденција и направете ја функционална, вработете педагози,  психолози  и  дефектолози  кои ќе ни бидат од голема помош - сами се справуваме со децата со посебни потреби и покрај натрупаноста во групите, решете го статусот на волонтерите, на  вработените со Договор на дело!  Дајте ни компјутери на сите вработени, дајте ни потребни обуки за усовршување (а не за повторување на она што веќе го знаеме), збогатете ги градинките со дидактички и други материјали за нагледност,   наполнете ги градинките со играчки, отварајте нови градинки .............. , па да одиме напред!
 ДОЗВОЛЕТЕ НИ ДА БИДЕМЕ ОНА ШТО СМЕ, а не теоретичари, евидентичари, правници и економисти!  Ние само сакаме да си ја работиме нашата работа, избрана со љубов и заради љубов кон децата. Сакаме да ја работиме креативно и со ведрина, а покрај толку грижи и проблеми, тоа е неможно.
Ја поздравуваме идеата на Владата да ни се излезе во пресрет во решавање на проблемите со кои се соочуваме, од страна на надлежните институции, во случајов МТСП и ВИЕ Г-дине министре, па затоа и го испраќаме писмово до Вас.  Искрено се надеваме дека ќе имате разбирање за нас,  дека ќе застанете на страната на Вашите вработени и ќе ни помогнете и олеснете, на начин кој за нас е најприфатлив! 

Со почит и во очекување на Вашиот одговор,  
                                                                                                            Вработени во градинките 

1 comment:

  1. Davm celosna poddrska za razresuvanje na nezavrsenite i nedorecenite nedostatoci vo interes na decata i vrabotenite. Pozdrav!
    Elisaveta

    ReplyDelete