Wednesday, January 16, 2013

Kade ne vodi nerazumnosta,neslogata? intervju-Vankovska

Интервју со Ванковска: Груевски и Црвенковски се како Том и Џери

Интервју | 12. јануари 2013 - 10:22
Политичката криза со која се соочува Македонија по 24 декември, според универзитетската професорка, Билјана Ванковска е најсериозната криза во независонста на државата. Единствен најбезболен начин за излез од оваа ситуација, таа го гледа во одржување вондни парламентарни избори.



-
Јас не гледам можност до крајот на мандатот да се дојде до политичко помирување и враќање на опозициските пратеници назад во Парламентот, ниту пак гледам политичка личност со толку висок морален кредибилитет која би можела да посредува и да опомене дека ова ја турка Македонија во граѓански конфликт, вели Билјана Ванковскиа во саботнот интервју за Прес24.
Ванковска, како политички аналитичар смета дека голем дел од барањата, што лидерот на СДСМ, Црвенковски ги испорача се неосновани, освен оние што се однесуваат на препораките на ОБСЕ и барањето за предвремени избори. Токму, од тие прилини, Ванковска во интервјуто за Прес24, предупредува дека приоритет треба да биде враќање на политичкиот процес назад во институциите и напуштање на методите на „улична демократија“.
е верувам дека влада која, и покрај се, има не само легалитет туку и легитимитет (па и висок јавен рејтинг), нема никако да го прифати и да се саморазвласти само затоа што тоа го сака една слаба опозиција, вели за Прес24, универзитескиот професор, Ванковска.
Бојкотот не е опција на која треба да се фокусира опозицијта. Тој, вели таа за Прес24, ќе и се врати на опозицијата како бумеранг.
-Доколку е сигурна во себе и дека ги има освоено симпатиите на пошироката јавност по настаните од 24 декември, една силна опозиција би сторила се да излезе на избори и да ја декласира диктаторската власт, како што ја нарекува, анализира Ванковска во саботното интервју за Прес24.
Доколку, хипотетички, опозицијата одлучи да ги бојкотира изборите и истовремено, со протести и други методи се обиде да спречи одржување на изборите, професорката Ванковска, смета дека власта мора да воспостави функционирање на системот, како една од одговорностите што ја има.
-Организираното попречување на изборите е казниво дело и се надевам дека професорите по право кои се членови на оваа партија, тоа убаво ќе им го објаснат на своите колеги, вели Ванковска
Иако одредени аналитичари проценуваат дека лидерот на опозицијата, Црвенковски и на власта, Груевски ќестопати функционираат како меѓусебно надополнување, Ванковска смета дека тие двајца всушност се најдобрите непријатели. Нешто како од ликовите на цртаниот Том и Џери
-Не, Црвенковски не одработува за Груевски, барем не свесно. Но, на крајот може да се случи да му обезбеди уште една изборна победа, вели за Прес24, Ванковска


ПРЕСС24: Македонија е повторно во слична ситуација како и пред минатите вонредни парламентарни избори во 2011. Какви се Вашите оценки, колку е сериозна оваа политичка криза во државата?
ВАНКОВСКА: Ова е најсериозната политичка криза од независноста на земјата. Таа не треба да е изненадување затоа што сите индикатори беа тука долго време, но дури и најагилните аналитичари и посматрачи потфрлија во она што се вика „рано предупредување“. Едноставно, се чекаше тригер, повод, за она што долго време се акумулира како длабок политичко-партиски раскол и нетрпеливост исплива на површина. Одамна говориме за тоа дека донесувањето на устав и воспоставувањето на институциите, заедно со изборниот и партискиот плурален систем, не се доволни гаранции за функционална демократија, и дека за тоа е многу важен и „човечкиот капитал“ (квалитетот на елитите), но најважни од се се (не)демократските традиции и политичката култура. Сега е повеќе од јасно дека Царот е гол, т.е. дека Македонија - малку преку имитации на западните демократии и малку со меѓународен стејтбилдинг - успеа да воспостави некаков политички систем, но дека малку, или сосема ништо не е сторено на планот на изградбата на демос, политичка заедница на граѓани, кои ќе бидат вистински коректор на власта. Секоја партија на власт во својот мандат државата ја третираше како своја, како партиски плен, и создаваше клиентелистички односи со своите поданици, и партнерски со бизнис-елитите, медиумите и другите центри на моќ, а заради одржување на власта. Во име на одржувањето на мирот и стабилноста во турбулентниот регион, меѓународната заедница си ја зема улогата на „учителка“ која казнува и наградува за редот, ама малку се интересира за квалитетот на демократскиот поредок. Од лош ученик, всушност, и не очекувате премногу, нели? Но, елитите овие позитивни стимули ги земаа здраво за готово и со тоа се китеа пред граѓаните, претставувајќи се како демократски и меѓународно потврдени. Државата стана најголем работодател, а границата на разграничување меѓу државата и владеачката партија/партии стана сосема нерелевантна. Затоа, изборните циклуси со години наназад се третираат на хамлетовски начин (да се биде или не), а да се биде во опозиција станува прашање на опстанок, бидејќи без награди за партиските војници, никој не може долго време да очекува лојалност. Политичката нетолеранција, па и нетрпеловост, се гледа најмногу меѓу конкурентните партии од ист етнички блок (заради рамковната демократија, по 2002 година), но многу помалку внимание се посветуваше на недемократските односи внатре во партиите, каде врхушките спорведуваат поцврст „демократски централизам“ од оној во комунистичката партија. Ако нема демократија внатре во партиите, каков тогаш демократски фактор се тие во јавната сцена? Едно зборуваат,  друго прават.
ПРЕСС24:Главни актери на кризата и овој пат се двете најголеми партии од опозицијата и од власта. Лидерот на СДСМ пред некој ден испорача услови за учество на локалните избори? Колку тие условувања  се оправдани и издржани?
ВАНКОВСКА: По случувањата од 24 декември, кои беа индуцирани токму од нетрпеливоста на двете најголеми македонски партии и отсуството на желба да се дојде до решение за буџетот, сметав дека власта постапи токму така како што посакуваше лидерот на опозицијата. Не заборавајте дека имаме една невообичаена ситуација за парламентарна демократија: заради стекот на околностите, лидерот на најголемата опозициска партија е не само бивш (пензиониран) претседател на Република, туку и нема пратенички мандат, т.е. нема можност да настапува како опозициски лидер во Парламентот. Нему главно му остануваат настапите преку медиуми, митинзи, протести - и тој тоа во прв миг се чинеше дека добро го искористи и се врати во (политички) живот. Тезата за постоење на диктатура, тоталитаризам, милошевиќивизам, па и фашизам, беше присутна од првиот миг кога ВМРО-ДПМНЕ ја освои власта, па насилното отстранување на пратениците (но и на новинарите), беше одлична можност тоа и да се „докаже“. Опозицијата во целиот овој период од неколку години игра на картата на „улична демократија“ и, парадоксално, но вистинито, на еден класичен милошевиќевски принцип - што полошо, тоа подобро. Власта во својата ароганција ги употреби сите механизми кои и стоеја на располагање, дури и по цена на кршење на принципот на владеење на правото, и по цена на загрозување на политичката стабилност и меѓународен углед на државата. Во периодот по 24 декември, сепак, опозицијата уште еднаш покажа зошто е толку слаба: таа е едноставно безидејна, единствен ослонец и се познатите истрошени ликови, особено лидерот, а единствената програма повторно се сведува на „уа, влада“ и „Бела чао“ (т.е. на културно-забавна програма која треба да остави привид на масовен општонароден протест). Со други зборови, опозицијата го изгуби моментумот со тоа што наместо да се фокусира на инсистирање на оние моменти кои не само што и одеа во полза, туку и за кои беше сосема во право, таа ја рашири агендата на се и сешто. На т.н. народен парламент се редат ликови кои зборуваат за се и сешто, ама без јасна порака за она што е во моментот најважно - одговорност на оние кои го прекршија законот на 24 декември. Во момент кога се насетува дека овој меур ќе спласне, се излезе со некаков ултиматум, кој не само што нема шанси да се прифати, туку и покажува дека единствениот излез се гледа во натамошна радикализација на состојбата. Од она што беше изнесено како листа на барања на СДСМ, според мене, неспорни се само две работи: прифаќање на барањата на ОБСЕ во врска со измените на изборниот законик (за што никој и не спори и кое е веќе во тек на реализација), и потребата од предвремени парламентарни избори како единствен начин да се излезе од кризата, т.е. можност граѓаните да бидат арбитри во спорот меѓу непомирливите политички непријатели. Јас не гледам можност до крајот на мандатот да се дојде до политичко помирување и враќање на опозициските пратеници назад во Парламентот, ниту пак гледам политичка личност со толку висок морален кредибилитет која би можела да посредува и да опомене дека ова ја турка Македонија во граѓански конфликт. Значи, приоритет е враќање на политичкиот процес назад во институциите и напуштање на методите на „улична демократија“ (за која и античките филозофи имале многу негативно мислење, гледајќи ја демократријата како владеење на толпата). Но, барања за некаква влада на доверба (што е нонсенс по себе, бидејќи секоја влада во основа е влада само затоа што ужива доверба од мнозинството), односно барање за промена на четворица функционери, е нешто што не верувам дека влада која, и покрај се, има не само легалитет туку и легитимитет (па и висок јавен рејтинг), нема никако да го прифати и да се саморазвласти само затоа што тоа го сака една слаба опозиција, која не успеа да покрене масовни протести и да освои големи симпатии. Според мене, сето она што го кажа Црвенковски на прес-конференцијата на 9 јануари и кое можеше на прв момент да се гледа како конструктивен обид за излез од кризата, падна во вода во неговите завршни зборови кои звучеа како закана дека ако не му се усвојат барањата тој не само што ќе продолжи со „улична демократија“, туку и дека ќе спречи локалните избори воопшто и да се спроведат.
ПРЕСС24: Не треба да се биде добар аналитичар, за да се заклучи дека власта ќе го одбие клучниот услов, техничка влада да ги организира изборите. За тоа е сосема свесен и лидерот на СДСМ. Ако е така, тогаш дали тоа е чекор од опозицијата кој покажува дека тие сепак се одлучни да одат на бојкот на изборите?
ВАНКОВСКА: Не само од зборовите на Црвенковски, туку и на интелектуалците блиски до СДСМ, веќе станува јасно дека локалните избори не ги задоволуваат. Еден од овие аналитичари дури и направи „фројдовска грешка“ кога во ТВ дебата кажа дека локалните избори немале врска со демократијата и тие се однесувале само на канализации, бекатон плочки и сл. Значи, битката е околу централната власт, а не локалната (како што до скоро се говореше, и се укажуваше дека успехот на локалните избори ќе се користи како силен адут да се натера владата да оди предвремени парламентарни избори). Од некои личности дури се споменуваат и фразите дека „нема да седат дома во папучи“ ако власта распише редовни локални избори и дека една опција би било влегување на сила во зградата на Парламентот на „народот“ (т.е. партиските приврзеници, бидејќи е јасно дека масовна народна поддршка изостанува, па дури и говорници од редот на професори и други познати личности се повикуваат и молат да се обратат на уличните протести).
ПРЕСС24: Што ќе добие, а што ќе изгуби опозицијата ако ги бојкотира локалните избори?
ВАНКОВСКА: Да ви кажам искрено, кој и да „победи“ во ваква ситуација, тоа ќе биде пирова победа, а губитник е веќе Македонија. Овде веќе не станува ни само за можност од бојкот (што би значело неучествување на избори за да се наруши легитимитетот на новоизбраните локални власти), туку и за настојување да се попречи учеството на другите партии кои ги прифаќаат правилата на игра. Доколку е сигурна во себе и дека ги има освоено симпатиите на пошироката јавност по настаните од 24 декември, една силна опозиција би сторила се да излезе на избори и да ја декласира диктаторската власт, како што ја нарекува. Бојкотот ќе и се врати како бумеранг на опозицијата, која никако да излезе од политичка кома, а што како резултат има устоличување на една арогантна, па и неетична власт. Тоа е лошо за демократијата во Македонија. Некои минорни партии можат да глумат опозиција, но на ВМРО-ДПМНЕ мора институционално и програмски да му се спротивстави силна и здрава опозиција, инаку ќе потонеме во едноумие.
ПРЕСС24:Дали вонинституционално дејствување е најдобрата одлука на СДСМ по настаните од 24 декември?
ВАНКОВСКА: Се плашам дека мнозина ги понесе еуфорија од некои примери од регионот и пошироко, без да се има во вид спецификата на македонската ситуација. Од една страна, се увезува директно спрскиот „Отпор“, не само со логото и слоганите, туку и со поканување на активисти кои треба да понудат искуства и знаење за ненасилен граѓански отпор. Од друга, се заборава дека „Отпор“ беше создаден во сосема инакви околности, дека беше поддржан со силни финансиски средства од САД (кои имаа стратегиски интерес Милошевиќ да падне), а уште поважно - и по „Отпор“ и 12-13 години подоцна, Србија е далеку од демократска држава (доволно е да се види исходот од последните избори). Споредбата со словенечкиот случај е уште понесоодветна: таму постои автентично граѓанско движење и силна критична маса на едно општество со висока демократска култура, која сега им покажува жолт, па и црвен картон, на сите политички партии и бара ново решение за системот, а не менува едни, за да ги врати другите. Во Македонија ионака многу нешта се одвиваат вонинституционално (особено кога за тоа ќе притисне меѓународната заедница), а институциите се лишени од суштина и се празни школки, додека мнозинството граѓани иако разочарано од сите досегашни елити живее или поданички (слушате луѓе кои се пдоготвени за корка сува леб да се повинуваат на нечија политичка волја) или во самопасивизација, па и аномија.
ПРЕСС24:Има ли реално созреана атмосефра заедно со локалните да се ордржат и вонредни парламентарни избори?
ВАНКОВСКА: Веќе е тешко да се одговори на ова прашање затоа што роковите почнуваат да течат за редовните локални избори, а до парламентарни може да дојде само со самораспуштање на парламентот. Но, како што веќе реков, иако никогаш не сум мислела дека изборната демократија е исто што и суштинска демократија, во ситуацијата во која се најдовме, мислам дека е добро да се одржат два изборни процеса во едно. Тоа е помало зло, од она што може да ни се случи како продолжена политичка криза, агонија, па и можни инциденти кои би довеле до граѓански конфликт.
ПРЕСС24: Целата оваа политичка криза се случува во еден период кога се интензивираат разговорите за името. Може ли да се бара логична поврзаност, особено ако се земат в предвид оптимистичките проценки на медијаторот, Метју Нимиц дека препознава искрена желба за надминување на спорот?
ВАНКОВСКА: Моменталната политичка криза не би ја поврзувала непосредно со медијаторската посета на Нимиц и спорот со името. Всушност, на декемврискиот самит на ЕУ ние добивме барања од два соседа, а и двете се од идентитетска природа, што целата ситуација само ја закомплицира. Сега се поставува прашање дали и во најидеална ситуација да се „реши“ спорот со името, дали тоа ќе има воопшто ефект на Бугарија. Гледаме дека Борисов се обрати до бугарските академици да бара совет за „политиката спрема Македонија“. Но, јасно е дека актуелнава криза ја фрла во сенка посетата на Нимиц, а неговиот оптимизам (кој е професионален и очекуван, па и искусен сите години наназад а без никаков ефект) во вакви околности е дури и забавен. Ова е прв пат никој и да не се потресе што доаѓа Нимиц. И преговорите околу името и евроинтеграциите се фрлени на страна и ќе чекаат подобри времиња, кога ќе станеме нормална држава. Но, ако некој од надвор се надева дека е ова добар момент да се притисне Македонија, а Груевски се излаже дека во ваква ситуација мнозинството нема да забележи ако дојде до некакво попуштање, тоа само ќе ја усложни ситуацијата. Македонците покажаа дека имаат „капацитет“ да фрлаат камења едни на други, ама не верувам дека ќе се сложат со промена на името.
ПРЕСС24: Многумина аналитичари, меѓу нив и дел критичари на политиката на Црвенковски сметаат дека потезите што лидерот на СДСМ ги влече постојано одат во корист на владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Имате Вие такво чувство, во смисла дека Црвенковски одработува за Груевски?
ВАНКОВСКА: Јас одамна имам чувство дека Груевски и Црвенковски се најдобрите непријатели, слично како што се нарекуваат ликовите од цртаните филмови „Том и Џери“. Едноставно, овој начин на водење политика происто „плаче“ за внатрешен архетипски непријател. Не знам што би правеле еден без друг. Не, Црвенковски не одработува за Груевски, барем не свесно. Но, на крајот може да се случи да му обезбеди уште една изборна победа.
ПРЕСС24: Албанскиот политички фактор, овој пат во споредба со 2011 се држи на страна. Но и ДУИ и ДПА се за одржување на изборите. Ќе има ли последици за државата, ако на избори не излезе СДСМ?
ВАНКОВСКА: Албанците добро сфатија дека е ова интраетнички конфликт и прават она што секој паметен би направил кога двајца се караат.
ПРЕСС24: Можно ли е политичката криза да се прелее во безбедносна? На 24 декември постоеше сериозна опасност двете спротивставени групи пред парламентот да се судрат меѓусебе?
ВАНКОВСКА: Во теоријата ние и зборуваме за концепт на политичка безбедност, односно небезбедност. Ова е класичен пример за тоа. Оној момент кога политичкиот процес излегува на улица, кога се користат безбедносни сили за одржување на редот и поредокот, тоа е веќе безбедносна ситуација која не смее да се потцени. Ваквите ситуации слабата држава ја прават уште послаба, а за жал нашите елити се подготвени да „одат до крај“ без оглед на националниот и општиот интерес.
ПРЕСС24:Ако таков судир беше избегнат пред нова година, можно ли е тој да се случи евентуално на денот на изборите. Во јавноста се шпекулира дека под бојкот СДСМ не подрзабира седење дома, туку организирани протести на денот на изборите?
ВАНКОВСКА: Интересно е дека СДСМ не ја забележува контрадикцијата која ја прави со заканите дека ќе го попречи одржувањето на локалните избори ако не му се усвојат барањата. Имено, укажуваат дека на нивните пратеници им било ускратено уставно загарантираното право да ги претставуваат граѓаните кои ги избрале (за што се во право) и уште велат дека се плашат од избори организирани од оваа власт која (наводно) би ги малтретирала нивните кандидати, а не наоѓаат ништо противуставно во кршењето на правото на граѓаните да изберат локални власти. Организираното попречување на изборите е казниво дело и се надевам дека професорите по право кои се членови на оваа партија, тоа убаво ќе им го објаснат на своите колеги.
ПРЕСС24: Која ќе биде одговорноста на власта во таква хипотетичка ситуација?
ВАНКОВСКА: Па, ако сме биле сведоци на зголемено полициско присуство па и употреба на законска принуда за време на избори (најчесто во делови на земјата со предоминантно албанско население, каде што се вршеа нерегуларности), јасно е дека полицијата би требала да постапи исто и во ваков случај, без оглед на образложението дека е ова отпор на диктаторски режим.
ПРЕСС24: Во вакви политички кризи секогаш медијатор во Македонија бил меѓународниот фактор. Досега јавно го нема. Процениле дека кризата е од мал обем, или пак дека Македонија конечно изградила државен капацитет сама да ги решева ваквите проблеми?
ВАНКОВСКА: Ескалацијата се случи во „незгоден“ момент, среде божиќни и новогодишни празници, па оттука спороста на реакцијата. Но, кога таа стаса во вид на изјави на амбасадорите и други претставници на ЕУ, опозицијата се најде затечена. За да „отпорот“ успее, нужна е меѓународна поддршка, но некому овде не му е јасно дека помина времето на Милошевиќи и Туѓмани, а Македонија ја нема таа стратегиска тежина за Западот како Србија, на пример. Не е исклучено да се игра на карта на директно инволвирање на меѓународниот фактор (интернационализација на внатрешната криза), а ако дојдеме до тој степен, бидете убедени дека ќе се разбудат и албанските партии кои ќе видат можност „во пакет“ да решат и некои свои дамнешни барања во врска со уредувањето на земјата. Најдобра опција за Македонија е политичките елити да покажат зрелост и своите интереси да ги стават настрана, зошто си играат со оган во кој ќе изгори државата која наводно сакаат да ја водат во светла иднина. Владата пропушти да направи неколку фактички и симболички чекори за да ја санира штетата, а опозицијата подеднакво манифестира непопустливост. Ова не ветува добар исход, па затоа одговорни елити би се свестиле додека не биде предоцна за сите.



ЕКСКЛУЗИВНО: Ракометарите преживеаа хорор - бесни и измалтретирани нашите херои пристигнаа во Севиља
Се разбудил по 4 години во кома - запознајте го 12 годишниот херој од Струга
ФОТО: И тоа се случи - Скопјани добиваат сметки за парно од 0 денари
Тачи: Да застанев на страната на Црвенковски ќе имаше 100 мртви пред Собрание
ДУИ: Црвенковски претера
Османи: СДСМ нема легитимитет да ги бојкотира локалните избори
(ВИДЕО) Боцевски: Само Црвенковски и Макрадули ќе добијат од бојкотот на опозицијата
Беџети: Да имав доверба кај опозицијата ќе бев дел од СДСМ
Тодоров и лекарите се договорија - учинокот останува платите растат
Рекорд: Македонец со 900 килограми марихуана уапсен во Србија

Image and video hosting by TinyPic
тагови:

Коментари

A narodot kako mali decinja.

A narodot kako mali decinja. Se raduvaat ili zalat vo zavisnost od sluckata. Dali Tom ke go naditri Jery ili Jery na Tom. Vo iscekuvanje na slednata serija Tom i Jery si igraat nesvesni za igrata nivna koja e mnogu opasna po zdravjeto na decinjata.

Остави коментар

Податоците од ова поле нема да бидат никаде јавно објавени.
CAPTCHA
This question is for testing whether you are a human visitor and to prevent automated spam submissions.
Image CAPTCHA
Внесете ги карактерите прикажани на сликата.

No comments:

Post a Comment