Детски бонтон
Автор: Редакција Рингераја | 29.5.2012
Примерот на
однесување научен до седмата година од животот најдолго се помни. Децата и пред
да станат ученици треба да знаат дека не смее на глас да се коментира нечиј
изглед
Децата не се намерно непристојни, туку се уште не ги познаваат правилата на пристојно однесување, објаснуваат психолозите.
Понекогаш децата не сфаќаат дека е непристојно да се влегува во збор, да се чепка во носот или на глас да се коментира дека жената која оди пред Вас има голем задник. А во секојдневната трка мајките и татковците секогаш немаат време да се концентрираат на правилата на бонтонот. Не треба да се исцрпувате себеси и детето со комплицираните правила на “бечката школа”. Ако често му ги повторувате овие 22 едноставни правила, на начин кој е адекватен на возраста на детето, можете да бидете сигурни дека ќе одгледате пристојно дете кое секогаш ќе биде забележано по доброто однесување. Правилата на однесување стекнати во детството, детето ќе ги запомни за цел живот, а тоа ќе му биде од помош во сите животни ситуации, дури и кога ќе стане возрасен човек.
Волшебни зборови
Кога сакаш некој нешто да ти даде речи “Ве молам”. Кога нешто ќе добиеш речи “Благодарам”. Ако дадеш на некому нешто речи “Повели”, а ако нешто згрешиш речи “Извини”.
Не влегувај во збор
Не ги прекинувај возрасните кога разговараат, освен ако не е нешто навистина итно и битно. Биди сигурен дека ќе ти одговорат кога ќе завршат со разговорот. Стрпи се и почекај.
Не сакам ова, не сакам она
На возрасните не им се слуша што не сакаш. Тие мислења подели ги со своите врсници.
Добро, а ти?
Кога некој ќе те праша како си, одговори и прашај го како се чувствува тој и сослушај го. Тоа е пристојно во таква ситуација.
Нема дебели!
Не е пристојно да се коментираат туѓите телесни особини како дебелина, начин на одење или фризура. Освен ако даваш комплименти. Тие никогаш не штетат.
Не фрлај отпадоци
Не е убаво да се фрлаат отпадоци ниту дома, ниту на улица. Кога ќе го изедеш чоколадото, фрли го омотот во корпа за отпадоци, а ако немаш корпа во близина стави го во џеб за да го фрлиш подоцна.
Извинете, ми требате
Ако треба веднаш да го привлечеш вниманието на возрасните , најпристојно е ако кажеш “извинете”. Тоа исто така важи и ако треба на улица да прашаш нешто, на пример “Извинете колку е часот?”
Смеам ли тоа?
Ако не си сигурен дека смееш да направиш нешто, прашај дали ќе ти допуштат возрасните. Така нема да жалиш за своите постапки подоцна.
Биди добар гостин
Кога ќе отидеш на гости поздрави ги домаќините, однесувај се пристојно и на крај заблагодари им се на гостопримството.
Тропај на врата пред на влезеш некаде
Пред да влезеш во некоја просторија во која е затворена вратата, задолжително тропни, дури и ако се работи за собата на мама и тато. И нив понекогаш им треба приватност.
Телефонирај пристојно
Кога ќе го бараш пријателот на домашен телефон претстави се и кажи со кого би сакал да разговараш. Не е доволно да се каже “Јас сум” дури и ако неговите родители го познаваат твојот глас. На телефон се разговара јасно и со нормален тон.
Заблагодари се за подарокот
Кога ќе добиеш нешто на дар, не заборавај да се заблагодариш, дури и ако подарокот не ти се допаѓа.
Отстапи им место на постарите
Ако се возиш во градски автобус во кој има малку слободни места, понуди го своето седиште на постар човек, трудница, или мајка со бебе.
Покриј ја устата со рака ако кашлаш или киваш
Ако кашлаш или киваш, покриј ја устата со рака. Тоа е пристојно и така нема да ги заразиш другите. Покриј ја устата и кога ќе се прозеваш, никој не сака да ги гледа твоите крајници. Немој да се чепкаш во носот додека те гледаат други и немој со отворена уста да џвакаш мастика. Носот бриши го со шамивче, а не со ракавот од блузата.
Заблагодари се на помошта
Ако некој ти помогне да направиш нешто секогаш речи “Фала”.
Измиј ги рацете пред ручек
Многу е важно рацете да се измијат со сапун пред јадење, по голема или мала нужда. по посета на стоматолог, доктор, или по престој во дворот и секогаш кога рацете ти се валкани. Косата секогаш треба да ти биде чиста и исчешлана.
Бонтон на трпеза
Правилно употребувај го приборот за јадење. Ако не си сигурен како да го направиш тоа, замоли ги родителите да те научат, или гледај ги другите како го прават тоа.
Работи и научи нешто ново
Не негодувај ако мајка ти те замоли да ги избришеш садовите, туку направи го тоа со задоволство. Помогни им на возрасните и притоа научи нешто ново.
Без навреди!
Немој да ги нарекуваш другите со погрдни имиња. Не е пристојно на некого да му речеш глупав или неспретен, ако нешто погреши. Воздржи се од неубави зборови.
Немој да се тепаш
Многу е неубаво да удриш некого, бидејќи е послаб од тебе.
Знај дека сите луѓе се различни
Некои луѓе не гледаат па одат со бел стап, некои се служат со знаковен јазик бидејќи не слушаат, некои одат со помош на протези или штаки, некои тешко читаат или не можат да добијат преодна оцена по математика без помош на учител. Но сите тие можат да ти бидат добри пријатели. Почитувај ги.
Не ги исмејувај другите
Никогаш не ги исмејувај другите, ниту децата, ниту возрасните. Ни ти сигурно не сакаш другите да те исмејуваат.
No comments:
Post a Comment