Monday, October 14, 2013

EVTINI STANOVI DO SOLUN - PAREA

Македонци се грабаат за евтин стан покрај море


Переа, сместена на јужниот крај од Солунскиот Залив, од каде што има поглед на цел Солун исто како што од Горица се гледа Охрид, е едно од местата каде што Македонци навалиле на купување имоти, а можеле да се најдат и станови за околу 300 евра за квадрат

Переа не е многу познато место меѓу нашите граѓани. Како да биде, кога се наоѓа на место што македонскиот патник редовно го промашува. Ако патува кон Халкидики, се движи по автопатот, а ова е на самиот брег од Солунскиот (Термајскиот) Залив. Ако оди во Солун, пак, најдалеку што стигнува се „Космос“ и „Икеа“ или можеби до аеродромот, а ова се наоѓа само малку појужно, веднаш зад авионската писта. Од центарот на Солун дотаму има дваесетина километри по широк и отворен пат што се поминува за околу 15 минути со автомобил.

Што е толку интересно за Переа? Ова е едно од местата во предградието на Солун што се нов хит меѓу Македонците за купување евтини станови покрај море, тоа го тврдат посредниците во трговијата со недвижности. Со малку среќа може да се купи стан и за 300 евра за квадрат. Штом е така, тргнавме во Солунско да побараме стан.

Грција повторно се крева на штрајкови, економската криза трае веќе предолго и на луѓето им е смачено. Платите драстично се намалуваат, цените на основните производи растат, а во такви услови вредноста на недвижностите е во вртоглав пад.

ЕВТИНО ДА СЕ КУПИ, СКАПО ДА СЕ ГРАДИ

- Цените на станбениот квадрат никогаш не биле олку ниски во последниве децении. Поевтино отсега било само во времето на германската окупација во Втората светска војна, за кога се вели дека можело да се добие стан во замена за две канти масло за јадење - ни раскажува еден солунски адвокат што посредува во купопродажбите на имотите.

Но колкав може да биде тој пад? Да почнеме со пример од најатрактивното парче земја - солунскиот кеј. Според нашиот соговорник, во 2006 година се продал стан од 120 квадратни метри во првата линија на кејот, со поглед на море, за 1,5 милион евра. Цели дванаесет и пол илјади евра за квадрат, „холивудска“ цена каква што Скопје и Македонија не можат ни да замислат. Но пред неколку месеци стан со слична големина на тоа место бил купен за 350 илјади евра. Речиси петпати помала цена за седум-осум години.
Но и тоа сѐ уште е надвор од нашите можности, односно поскапо од сумите што се плаќаат во македонскиот главен град. Ние баравме нешто поевтино. Затоа, тука е периферијата, која воопшто не е лоша. Има станови за 600, 700, 800 евра за квадрат, како да се во некој поголем град во внатрешноста на Македонија, а не на плажа и веднаш до Солун. Со малку среќа, може да се начекаат цени во солунската околија слични на тие во Македонска Каменица и во Демир Хисар.

- Неодамна една скопјанка купи два стана од по 35 квадратни метри во Переа за 24 илјади евра. А даночната основица им беше пресметана на 48 илјади евра! На луѓето им беше итно да ги продадат, па ѝ ги дадоа за двојно помалку пари од процената. Може да се начекаат и такви ситуации, но треба да се има среќа, тоа е како на лотарија - додаде адвокатот.

Ех, лотарија... Тешко е да се надева човек на тоа. Особено ако најмногу што добил на грепка е пари за две грепки, а во обложувачница е среќен ако успее 50 денари да ги претвори во 500. Што има за редовна цена? Ни се придружи еден агент за недвижности и ни даде неколку понуди. Станови од 40 до 50 квадрати по цени од 28.000 до 35.000 евра.

- Денес во Грција градењето нова куќа би ве чинело околу 2.500 евра за квадрат. Тоа е за да го купите земјиштето, да набавите материјали и да платите градежници за да ви ја изградат. Наместо тоа, можете да купите стан стар десетина години, значи во солидна состојба, за околу 700 евра за квадрат - нѐ советуваше агентот.

Ако решиме да купиме стан, можеме и да избираме колку соседи сакаме да имаме од Македонија. Посредниците тврдат дека ако сакаме можат да нѐ сместат и во „скопски“ маала, каде што ќе има и други скопјани. Не знаеја бројки за тоа колку Македонци купиле станови, но велат дека нашите се меѓу најзаинтересираните, заедно со Бугарите, а Србите се нешто поназад.

РОК НА ТРАЕЊЕ ДО 50 ГОДИНИ

Долга, иако не многу широка песочна плажа, уредено шеталиште со кафеани, понекој хотел, мешавина од стари и нови градби покрај уредени улици и булевари... Переа изгледа како сосема обично туристичко место во Грција, со таа разлика што овде капачите имаат поглед на цел Солун, распослан на ридовите од спротивната страна на заливот, слично како што се гледа Охрид од плажите кај Горица. Но иако има услови да им конкурира на Лептокарија или на Ханиоти, ова место е празно. Неколку десетини капачи на плажата, понекое весело друштво во рестораните, малкумина шетачи - среде сезона. Тоа е покрај морето, а малку навнатре ретко се сретнува жива душа. Ова не е туристичко место, ретко има соби за издавање, но затоа насекаде може да се видат натписи „полетаи“ (во превод - се продава) и телефонски броеви.
Продавачите не се таму, живеат во Солун или на друго место, па мора да се бараат по телефон.

- Станот што сте го виделе има 96 квадратни метри и го продавам за 110.000 евра. Ако ви е скапо, можам да ви дадам еден од 51 квадрат за 28.000 евра, но во зграда стара 30 години - ни рече еден од нив.
Новите градби држат цена, еден продаваше три ката од по 99 квадрати, најнискиот за 119.000 евра, а повисоките поскапо. Но најдовме еден со салон, спална соба и кујна за само 18.000 евра, во постар и напуштен објект. За жал, сопственикот не знаеше англиски, не можевме да се разбереме. Следниот знаеше, и исто така имаше добра цена.

- Станот има 100 квадрати и го продаваме за 50.000 евра. Иако не е нов, во многу добра состојба е. Веќе немаме пари да го одржуваме, сакаме да го продадеме додека сѐ уште има колку-толку добра цена - ни објасни овој сопственик.

За разлика од Скопје, каде што станови може да се продадат за над 1.000 евра од квадрат без разлика што се изградени во 1980-тите, дури и во 1950-тите, во Солун и во околината владеат поинакви закономерности на пазарот.

- Морето и временските влијанија си го земаат данокот. Рокот на употреба на градбите е 40-50 години. Затоа во постари згради може да најдете евтини станови, но потоа би ви требале многу пари за да ги реновирате и да ги одржувате. Особено што тие згради не се градени со современите изолациски материјали како поновите, за кои веруваме дека ќе имаат и подолг век - вели еден сопственик на хотел на крајбрежјето од Переа.

Сѐ на сѐ, од една страна Переа е хит за купувачите од Македонија и од Грција затоа што е меѓу најевтините места во овој дел од Грција, но од друга страна местото по скопски може да се опише како - тапа. Сепак, за евтини пари може да се купи стан во место од кое до Солун се стигнува со редовна автобуска линија за само 0,8 евра (50 денари) во еден правец, а познатите туристички дестинации на Халкидики почнуваат на 50-60 километри појужно, ако воопшто има потреба, зашто и таму има сосема солидна плажа. Шопинг-дестинациите, пак, се само десет километри на север.

Плаќање во кеш само до крајот на годинава

Македонските граѓани можат слободно да купуваат недвижности во Грција од 2011 година, само треба да ги покажат пасошот и ливчето во кое грчките погранични служби ставаат печати. Грчките агенции за недвижности велат дека во изминативе две години интересот е голем, но цените, иако паѓаат, сѐ уште се повисоки од Македонија, особено на атрактивните локации, па тоа влијае обесхрабрувачки.
Адвокатот што го консултиравме ни откри уште една околност - вели дека тие што имаат намера да инвестираат во недвижности во Грција, подобро е да го сторат тоа до крајот на годинава, бидејќи ќе можат да платат во готово. Потоа во сила ќе стапат закони за проверка на парите, па сѐ ќе мора да се изврши преку банка, а за нашите граѓани, како што објаснува, може да биде многу тешко и сложено да отворат банкарска сметка и да обезбедат документи што грчката држава ќе ги признае, а со кои ќе се потврди дека парите што ги имаат се законски заработени.

Автор: Гоце Трпковски 

No comments:

Post a Comment