Tuesday, July 3, 2012

NARODNA NOSIJA VOPREDELOT POLE-PRILEPSKO-BITOLSKO


Народната носија во пределот Поле (Прилепско, Битолско)
prilepska-nosija
Народната носија во пределот Поле (Прилепско, Битолско), голем рамничарски предел во средниот дел на Брсјачката етничка област, по бројноста на облеките и нивното украсување е позната по тоа што во минатото била една од најдекоративните, но во исто време и најтешките носии што ги носеле жените во Македонија.
Долгите платнени туниковидни кошули се украсени со густо извезени мотиви во разни бои, меѓу кои доминира црвената во сите нијанси. Богатството и разновидноста на извезените мотиви, нивната складност и прецизност, ги карактеризираат везбените украси како едни од најубавите и најдекоративните во Македонија.
Платнената летна саја и зимскиот волнен бел клашеник, украсени со извезени мотиви, срма и монистра, ткаената волнена, ситно орнаментирана скутина - опрегач, усогласени по боја, начин на украсување и орнаментика, чинат една целина со останатите делови на носијата.
Зимска облека е валанка, изработена е од дебела црна клашна, украсена со карактеристични украси од гајтани, ширити и монистра. Волнени, плетени, вкусно шарени чорапи и калци (волнени чорапи без стапало), со опинци, го оформуваат обувањето на нозете.
Најдекоративна и највпечатлива е невестинската носија, со посебно украсената невестинска скутина чултар, украсот коцле од волнени црни рески, извезената покривка за глава обрус, чии ткаени краишта се со декоративна геометриска орнаментика и рески, и специјалната богато извезена покривка за глава сокај. Во обликувањето на облеките импресионира богатиот народен вез во карактеристична гобленска техника, со изобилно богатство на форми и доминантна црвена боја. И народниот накит, масивен, разновиден и многуброен, ја дополнува целокупната носија, придавајќи и` посебна декоративност.
Машката носија во Прилепско - Битолското Поле ја сочинуваат бројни облеки: аба - од бела тенка волнена ткаенина, кошула од платно со везени украси, џамадан од црна клашна, појас ткаен од темно црвена волна, како и ресачка - горна облека од црна клашна, долга до колена. Специфичност на носијата од овој регион е употребата на скутина - унечка, како составен дел на машката носија.
Зимската машка носија е сета од волнена валана ткаенина шаек, порано во бела, потоа во црна, а како моден тренд, особено за помладите, во темноцрвена боја. Бројните облеки што влегуваат во составот на оваа носија - минтан, елек, џамадан, бечви - украсени со црни оптоки, се дополнуваат со разнобојниот пругасто - шарен волнен појас. На нозете се носат волнени, плетени чорапи и кожни чевли, а на главата шубара од јагнешка кожа.
Народни везови

vez1"Ракавче лозено", невестинско - додатни ракави од "саја" ( женска горна облека). Везено со "аловна", "ѓувезна" и црна волна. Мотивите оцртани ("наклавани") со жолта срма. Техники: "лозено-полнето","травци". Мотив "крстои". Прилепско Поле, крајот на 19. век. Дим. 26 * 25 см


vez2"Ракавче лозено" - додатни ракави од женска празнична "саја" (горна облека). Везено со "аловна", "ѓувезна" и црна волна. Техника "лозено-полнето". Мотиви: "шапки" и "клучиња".
Прилепско
Поле, крајот на 19. век. Дим. 27 * 27 см




vez3"Ракавче писано" - додатни ракави од женска празнична "саја" (горна облека). Везено со "аловна", "ѓувезна" и жолта волна, бела и жолта срма. Техники: "писано", "синџиречко", "сукан трашец". Мотиви: "колца".
Прилепско
Поле, крајот на 19. век. Дим. 25 * 28 см



vez4Вез од долен дел на женска кошула ("пола" и "пореборник" со "околеш"). Работени со волна во бои: "аловна", "ѓувезна", црна и жолта. Техники: "лозено-полнето", "травци". С. Костинци, Прилепско Поле, крајот на 19. век. Дим. 11 * 36 см.; 9 * 23 см.



vez5"Ракавче грабено" - додатни ракави од "саја" (горна облека) за постара жена. Везено со "аловна", "ѓувезна" црна и зелена волна. Техника: "грабено". Мотив: "едно колце". Прилепско Поле, крајот на 19. век. Дим. 23 * 31 см










jakaЈака ("корил") и вез за на гради ("предници") од женска кошула. Везени со "аловна", "ѓувезна" и црна волна. Техника: "полнеж". Прилепско Поле, поч. на ХХ век. Дим. 37 * 7 см.; 14 * 40 см









vez6Вез од долен дел на женска кошула ("пола" и "пореборник" со "околеш"). Работени со волна во бои: "аловна", "ѓувезна", црна и жолта. Техники: "лозено-полнето", "травци".
С. Костинци, Прилепско Поле, крајот на 19. век. Дим. 11 * 36 см.; 9 * 23 см
.

No comments:

Post a Comment