Според УНИЦЕФ, секоја година милиони деца во светот се жртви на насилство, сексуално злоупотребување, експлоатација на труд, трговија со луѓе и физичко и психичко казнување, а овој ден почна да се одбележува за прв пат во 1954 година. Во 1959 годинаГенералното собрание на ОН ја усвои Декларацијата за правото на децата, а на истиот ден триесет години подоцна, во 1989 година беше усвоена и Конвенцијата за правата на детето, која Република Македонија ја ратификуваше во 1993-тата.
Во пораката по повод Светскиот ден на детето македонскиот Народен правобранител истакнува дека почитувањето на правата на детето е една од најважните работи кон кои треба сите да се стремиме, затоа што за едно општество нема поважна работа од создавање здрави, образовани, толерантни поколенија подготвени да се соочат со сите предизвици кои ги носи животот.
- Свесни сме дека за да има хармоничен развој на личноста на секое дете, треба да создадеме услови тоа да расте во здрава семејна средина, во пријатна атмосфера исполнета со среќа, љубов и разбирање.Токму тоа не задолжува децата да ги третирама како рамноправни на нас возрасните, како активни субјекти и носители на права и обврски. Кон нив треба да се однесуваме со должно внимание, ним треба да им овозможиме образование, со цел натамошен просперитет на човештвото, порачува Народниот правобранител.
Сите држави членки кои ја имаат ратификувано Конвенцијата за правата на детето, според член 19 од КПД се обврзаа да ги преземат сите соодветни законодавни, административни, социјални и образовни мерки да го заштитат детето од сите облици на физичко или психичко насилство, повреди или злоупотреби, занемарувања или немарен однос, малтретирања или експлоатации, вклучувајќи ја и сексуалната злоупотреба.
No comments:
Post a Comment